Беин спортс се извини по навредата на коментатор кон Сабаленка

Арина Сабаленка
Фото: Vbrunophotog / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Француската телевизија Беин спортс се извини откако еден од нејзините новинари, не знаејќи дека микрофонот му е вклучен, упати навредлив коментар во живо за белоруската тенисерка Арина Сабаленка за време на преносот од завршниот турнир на ВТА.

Инцидентот се случи во понеделникот, по рекламната пауза, за време на воведниот видеоклип пред натпреварот на Сабаленка против Каролина Мухова. Додека камерата ја прикажуваше Сабаленка како испраќа бакнеж, во етерот се слушна гласот на новинарот Матје Солие: „Гледај, гледај, гледај, таа е ужасна“, пренесува 20 минути.

Снимката брзо се прошири на социјалните мрежи, а еден од гледачите го нарече коментарот срамен и во објавата го означи и француското регулаторно тело за медиуми.

Директорот на програмата и редакцијата на Беин спортс, Флоран Узо, реагираше уште истата вечер. „Жалам и остро ги осудувам изјавите дадени вечерва во живо за време на преносот од завршниот турнир на ВТА. Овие коментари не ги претставуваат вредностите на Беин спортс. Ја потврдувам нашата посветеност на почитувањето на сите спортисти и учесници во нашите преноси“, напиша Узо.

https://x.com/florenthouzot/status/2119927974656880685

Солие досега не се огласи за случајот, наведува Сан. Инцидентот се случи само еден ден откако Беин спортс објави дека ги откупил правата за пренос на АТП турнирите во Франција за повеќе сезони.

Сабаленка не беше вознемирена на теренот. Таа ја совлада Мухова во два сета на стартот на завршниот турнир во Индијан Велс, а вечерва во второто коло ќе се сретне со Мира Андреева.