Формула 1 потврди: Сезоната завршува во Катар и Абу Даби

Трка во Абу Даби
Фото: Berik / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Формула 1 ја извести патеката Имола дека нема да биде потребна како резервна опција за последните две трки во сезоната, со што шампионатот ќе заврши според првичниот план на Блискиот Исток, пренесува Би-би-си.

Големата награда на Катар ќе се вози од 27 до 29 ноември, а последната трка во Абу Даби од 4 до 6 декември, и покрај конфликтот меѓу САД и Израел, од една страна, и Иран, од друга страна.

„Ако ситуацијата се развие негативно во неделите пред трките на Блискиот Исток, нема да се двоумиме да ја направиме вистинската работа. Безбедноста на сите секогаш ќе биде приоритет“, изјави портпарол на Формула 1.

Од Формула 1 објаснија дека состојбата во двете земји не се влошила во последните месеци, дека владините препораки сè уште дозволуваат патување, осигурувањето важи, а сите тимови се согласни сезоната да заврши според планот.

На Имола веќе почнало поставувањето на трибините, а вторник бил крајниот рок да дознае дали треба целосно да се подготви за трка на 6 декември, наведува Еспн. Доколку двете трки сепак бидат откажани, сезоната ќе заврши во Лас Вегас на 21 ноември, со вкупно 21 трка.

Формула 1 беше охрабрена и од фактот што минатиот викенд МотоГП возеше во Катар без проблеми, на истата патека на која треба да се вози и трката во Формула 1. Само Јамаха не учествуваше поради глобалната политика на компанијата за патувања.

Сепак, повеќе високи функционери во Формула 1 изразиле загриженост бидејќи двете земји се блиску до Ормускиот Теснец, каде што сè уште има ракетни напади. Катарскиот државен фонд е делумен сопственик на тимот на Ауди, а Абу Даби на Макларен.

Во април беа откажани трките во Саудиска Арабија и Бахреин, а Големата награда на Бахреин подоцна се возеше во Малезија, на патеката Сепанг, во октомври. Двете титули веќе се решени, бидејќи Кими Антонели стана шампион во Мексико, а Мерцедес ја освои титулата кај конструкторите во Бразил.