Почина Жељко Матуш, легендарниот капитен на Динамо Загреб

Жељко Матуш
Фото: Wikimedia Commons (јавна сопственост)

Во 92та година од животот почина Жељко Матуш, некогашен капитен на Динамо Загреб и олимписки шампион со Југославија. Тој почина во Швајцарија, каде што живееше во последните децении, а веста ја објави загрепскиот клуб, пренесува ХРТ.

Матуш е роден на 9 август 1935 година во Доња Стубица, а кариерата ја започна во Текстилац од Орославје. Во Динамо пристигна во 1954 година и брзо стана еден од клучните играчи на екипата.

Со Динамо ја освои титулата првак на Југославија во 1958 година и три купа, во 1960, 1963 и 1965 година. Особено се памети неговата улога во европската сезона 1962/63, кога како капитен го предводеше Динамо до финалето на Купот на саемските градови. Загрепчани на патот до финалето ги елиминираа Порто, Баерн и Ференцварош, а во борбата за трофејот ги запре Валенсија.

За репрезентацијата на Југославија одигра 13 натпревари и постигна пет гола. Во 1960 година освои сребро на Европското првенство и олимписко злато во Рим, каде што постигна гол во финалната победа од 3-1 над Данска. Настапи и на Светското првенство во Чиле во 1962 година, кога Југославија заврши на четвртото место.

Матуш беше и последниот жив учесник на натпреварот меѓу Хрватска и Индонезија од 1956 година, на кој го постигна првиот гол во победата од 5-2.

Поради елеганцијата, техниката и спортското однесување остана запаметен како „господин во копачки“. По завршувањето на играчката кариера се посвети на стоматологијата и изгради професионална кариера во Швајцарија.

„Знаменитата десетка на Динамо, нашиот харизматичен Жељко Матуш, важна фигура од големата историја на клубот и драг член на нашето семејство, засекогаш нè напушти во својата 92та година. Драг Жељко, вечна ти слава и благодарност“, порачаа од Динамо Загреб.