Свитолина ја елиминираше Сабаленка од завршниот турнир

Елина Свитолина
Фото: LHC88 / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Елина Свитолина ја совлада Арина Сабаленка со 6-3, 3-6, 6-1 на завршниот турнир на ВТА во Индијан Велс и се пласираше во полуфиналето, со што ѝ ја заврши сезоната на белоруската тенисерка. Украинката реализираше шест од осум брејк-топки, пренесува ВТА.

Сабаленка ги доби последните пет меѓусебни дуели, вклучително и сите три на тврда подлога. Свитолина ја немаше победено од Стразбур во 2020 година, а ова е нејзината прва победа над Белорусинката на тврда подлога.

Сабаленка го почна мечот со брејк, но Свитолина го врати загубениот сервис, при 3-3 спаси две брејк-топки, а потоа го доби сетот. Белорусинката го освои вториот сет со ист резултат, но во третиот ги загуби последните шест гема. Видно незадоволна, во еден момент го фрли рекетот на теренот, пишува Би-би-си.

„Беше исклучително тежок натпревар, особено ментално. Само се обидував да играм поен по поен. Ова е турнир на кој носиш сè што имаш и секој гем го играш како да е последен“, изјави 32-годишната Свитолина.

Украинката, шампионка на завршниот турнир од 2018 година, настапува на овој турнир првпат по 2019 година. Првпат се пласира во полуфиналето откако го загубила првиот натпревар во групата, а таму ќе игра против Линда Носкова, победничката на групата 1.

Во другиот натпревар од групата, Мира Андреева ја совлада Дијана Шнајдер со 6-2, 6-1. Шнајдер влезе во последен момент како замена за Каролина Мухова, која се повлече поради болест. Андреева ја заврши групата со три победи без загубен сет, а во полуфиналето првпат ќе игра против Џесика Пегула.

За Сабаленка ова е прва сезона по 2022 година без освоена гренд слем титула, откако ги загуби финалињата на Австралија опен и Ју-Ес опен. Таа освои три други титули, меѓу кои Индијан Велс и Мајами, а на завршниот турнир пристигна со најдобар процент на победи на женската тура, 81 отсто.

Белорусинката по 99 недели го загуби првото место на ранг-листата од Елена Рибакина по финалето на Ју-Ес опен во септември. Сабаленка сè уште ја чека првата титула на завршниот турнир, откако минатата година во финалето загуби токму од Рибакина.

Полуфиналињата се играат в сабота, а финалето е закажано за в недела.