Шампионот во тешка категорија Сирил Гане и предизвикувачот Џош Хокит без проблеми го поминаа официјалното мерење пред УФЦ 334, гала-вечерта што во сабота ќе се одржи во „Медисон Сквер Гарден“ во Њујорк, пренесува ММА Фајтинг.
Французинот Гане тежеше 242,6 фунти, или околу 110 килограми, а Хокит 231,4 фунти, односно околу 105 килограми. Двајцата борци беа далеку под границата од 265 фунти за тешката категорија.
Во другата шампионска борба, Кајла Харисон и Аманда Нунеш тежеа точно 135 фунти, колку што изнесува лимитот во бантам категоријата. Харисон првпат го брани појасот, а Нунеш, поранешна шампионка во две категории, се враќа во октагонот првпат откако во јуни 2023 година го објави повлекувањето.
Најголемо внимание на мерењето привлече Теренс Мекини, кој тежеше 160,2 фунти и ја надмина границата за лесната категорија за повеќе од четири фунти. Неговиот противник Џим Милер сепак прифати борбата да се одржи, а Мекини ќе мора да се откаже од 30 отсто од хонорарот.
„Сакам да им се извинам на сите и на УФЦ што не ја исполнив тежината. Никогаш во животот не сум промашил тежина, но тоа е готово. Официјално, ова ми е последна борба во лесна категорија“, напиша Мекини, кој најави преселба во велтер категоријата и му се заблагодари на Милер што ја прифатил борбата.
Тежинската граница ја надмина и Хуан Дијаз, кој беше 0,4 фунти над лимитот, па неговата борба со Алатенгеили ќе се одржи со договорена тежина, а тој ќе остане без 20 отсто од хонорарот.
На главната програма се и борбите меѓу Каио Бораљо и Јусри Белгаруи, Урош Медиќ и Кевин Холанд, како и Билал Хасан и Луис Гуруле, а во предборбите ќе настапат и Стивен Томпсон, Чарлс Радтке, Дру Добер и Крис Данкан.
Раните предборби почнуваат во 23 часот по македонско време, а предборбите во 1 часот по полноќ.
















