Почина поранешниот репрезентативец Агрон Мемеди (45)

Градскиот стадион во Тетово
Фото: Guitardemon666 / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Македонскиот фудбал тагува. Поранешниот репрезентативец Агрон Мемеди, член на стручниот штаб на тетовска Шкендија, почина денеска на 45-годишна возраст, објави СпортСпорт.

Според објавените информации, на Мемеди му се слошило на денешниот тренинг на тимот, по што колабирал, а починал на пат кон болницата во Тетово. Истото го пренесе и Спортманија.

Мемеди беше роден на 5 декември 1980 година во Тетово, а потекнуваше од селото Пршовце, пишуваат Тетова Сот и Зиртаре. Како фудбалер најчесто играше на позицијата лев бек, а целата кариера ја помина во македонски клубови.

Првите фудбалски чекори ги направи во Шкендија, а потоа премина во Ренова, каде што ги помина најдобрите години од кариерата. Со Ренова ја освои шампионската титула во Македонија во сезоната 2009/10, а една година подоцна и Купот на Македонија. Настапуваше и за скопски Металург.

Мемеди забележа и еден настап за репрезентацијата на Македонија на пријателски натпревар, а според Спортманија, тоа беше во 2010 година. Активната играчка кариера ја заврши во јануари 2018 година.

По завршувањето на кариерата се посвети на тренерската работа. Во пролетта 2018 година накратко ја водеше Ренова, а потоа долго време работеше со младите категории во академијата на Шкендија.

Во август оваа година Шкендија официјално објави дека Мемеди станува дел од стручниот штаб на првиот тим како помошник на главниот тренер Артим Положани, со кого во минатото беше и соиграч. Со тоа се врати во клубот каде што ја започна својата фудбалска приказна.

Веста за неговата ненадејна смрт ги потресе љубителите на фудбалот во Тетово и низ цела Македонија.

Редакцијата на СуперСпорт изразува искрено сочувство до семејството, пријателите и сите во ФК Шкендија.