Македонскиот напаѓач Илија Несторовски е меѓу 48-те фудбалери кои преку Фондот за социјална солидарност на ФИФПРО ќе добијат неисплатени плати од клубови што во меѓувреме престанале да постојат или прогласиле стечај, пренесува хрватскиот 24 сата.
Меѓународната федерација на професионални фудбалери, според хрватските медиуми, обезбедила исплата во вкупен износ од околу 415.000 евра. Парите ги обезбедила ФИФА, а механизмот, кој беше замрзнат од 2019 година, повторно е активиран по притисокот на ФИФПРО, пренесува Морнинг стар.
Побарувањата на Несторовски се поврзани со италијанскиот Палермо, за кој настапуваше од 2016 до 2019 година. Сицилијанскиот клуб потоа западна во големи финансиски проблеми и на крајот банкротираше.
Не е објавено колкав е износот на побарувањата на 36-годишниот напаѓач, ниту е потврдено дали парите веќе му се исплатени. Мнозинството фудбалери веќе ги добиле средствата, а преостанатите исплати треба да бидат завршени во наредните денови, пренесува Индекс.
Некои од побарувањата датираат уште од 2015 година, а клубовите-должници се од четири континенти. Меѓу играчите е и Иранецот Саман Агазамани, кој побарува пари од поранешните клубови Саба Ком и Нафт Техеран.
Досега фудбалерите мораа да се регистрираат на интернет-страницата на ФИФА и да поминат низ сложена административна постапка, а ФИФПРО сега работи на нов, поедноставен систем за поднесување побарувања. ФИФА и ФИФПРО во јуни потпишаа договор со кој за периодот од 2026 до 2029 година се предвидени 20 милиони долари за помош на играчите со неисплатени плати, пренесува Индекс.
По заминувањето од Палермо, Несторовски играше за Удинезе и Асколи, а од летото 2024 година е член на хрватскиот Славен Белупо.
















