Бразил го совлада Сингапур со 7-0 на пријателски натпревар во Азија, а ѕвезда на средбата беше Винисиус Жуниор, кој постигна хет-трик уште во првото полувреме, пренесува Ај-пи.
Напаѓачот на Реал Мадрид ги постигна сите три гола во првите 20 минути. Прво погоди со лут удар во долниот агол, вториот гол го постигна по контранапад и додавање од клубскиот соиграч Ендрик, а третиот по центаршут на Естевао, наведува Реал Мадрид.
Винисиус има пет гола на последните два натпревари, откако во саботата постигна два гола во поразот од Јапонија со 2-3. Тој беше заменет во 59та минута.
Ендрик, кој го одигра целиот натпревар, го постигна четвртиот гол уште во првото полувреме со силен удар со левата нога од работ на казнениот простор. Во второто полувреме во листата на стрелците се запишаа Естевао и Рајан, а седмиот гол официјалната страница на бразилската федерација му го припиша на дебитантот Алан, иако дел од медиумите го водат како автогол на Раул Сухаими.
Карло Анчелоти го следеше натпреварот од трибините, бидејќи беше исклучен при поразот од Јапонија во саботата. Поради црвен картон на истиот натпревар, отсутен беше и Рафиња.
Пред натпреварот, поранешниот бразилски напаѓач Ромарио повторно побара оставка од италијанскиот селектор. „Ќе го кажам повторно: поднесете оставка! Ќе најдеме друг тренер кој ќе работи подобро од вас“, порача Ромарио, пренесува Би-би-си.
Ова беше прв меѓусебен натпревар на двете репрезентации и последен натпревар на Бразил во 2026 година. Сингапур е на 148мо место на ранг-листата на ФИФА.
















