Дешамбо по крахот на ЛИВ преминува на Европската голф тура

Брајсон Дешамбо
Фото: Jacob Gralton / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Двократниот шампион на УС Опен, Американецот Брајсон Дешамбо, од следната сезона ќе настапува на Европската голф тура, позната како ДП Ворлд тур, пренесува Би-би-си.

33-годишниот голфер беше едно од најголемите имиња што во 2022 година преминаа во ЛИВ лигата, финансирана од Саудиска Арабија, и остана верен на проектот дури и откако саудискиот јавен инвестициски фонд во април го повлече финансирањето. Пред две недели ЛИВ соопшти дека ги прекинува активностите.

https://x.com/DPWorldTour/status/2122661220348219525

Дешамбо е примен во првата категорија на членство бидејќи во последните пет години освоил мејџр турнир, УС Опен во 2024 година, што му гарантира учество на секој турнир од календарот. На ПГА турата засега не може да игра бидејќи таму важи 12-месечна забрана за голферите што настапувале во ЛИВ, наведува Гардијан.

Американецот веќе потврди дека во декември ќе игра на турнирот „Недбенк голф челинџ“ во Јужна Африка, кој е дел од Европската тура. Првите десетмина на крајот од сезоната на оваа тура добиваат право да играат на ПГА турата, што за Дешамбо претставува можен пат за враќање во Америка.

Покрај него, на Европската тура се враќаат и Џон Рам и Тирел Хатон, кои не го откажаа своето членство. Деветмина поранешни играчи на ЛИВ, меѓу кои Дастин Џонсон и Камерон Смит, потпишаа договори за добивање покани за одреден број турнири.

„Во изминатите 12 месеци има значајни промени во машкиот професионален голф. Како глобална тура, пристапивме прагматично кон оваа единствена и невидена ситуација, секогаш имајќи ги предвид најдобрите интереси на сите наши членови“, изјави извршниот директор на турата, Гај Кинингс.

Дешамбо, кој наводно добил околу 95 милиони фунти за преминот во ЛИВ, има огромна публика на социјалните мрежи. Рори Мекилрој неодамна изјави дека име како Дешамбо, со сè добро и лошо што носи, привлекува внимание, што е добро за турнирите.