Тајгер Вудс се враќа на терените на турнирот во Бахамите

Тајгер Вудс на голф терен
Фото: Theflowerbar / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Тајгер Вудс во декември се враќа на натпреварувачкиот голф на турнирот „Хиро ворлд челинџ“ во Бахамите, објави во вторник американскиот голфер, пренесува Скај спорт.

50-годишниот освојувач на 15 мејџр турнири е еден од тројцата голфери што дополнително беа вклучени во составот од 20 играчи, заедно со Рики Фаулер и Гери Вудланд. Турнирот, чиј домаќин е фондацијата на Вудс, ќе се игра од 3 до 6 декември на теренот „Албани“.

https://x.com/PGATour/status/2122697120931336352

Вудс ја пропушти целата 2025 година поради скината Ахилова тетива, а во октомври 2025 година имаше уште една операција на грбот. Последен пат на ПГА турата настапи на Опен шампионатот во јули 2024 година, кога не го помина отсекувањето.

Во март годинава Вудс беше уапсен по сообраќајна несреќа и соопшти дека се повлекува од голфот за да се посвети на лекувањето и на своето здравје. Подоцна постигна спогодба со обвинителството, а возачката дозвола му е одземена на пет години, наведува Еспн.

Американецот моментално нема пласман на светската ранг-листа, бидејќи во последните шест сезони заврши само четири турнири од по 72 дупки. Последен пат на „Хиро ворлд челинџ“ настапи во 2023 година, а турнирот го има освоено пет пати.

Американецот е наведен и во проширениот состав од пет играчи на екипата Џупитер линкс за новата сезона на ТГЛ лигата, која почнува на 27 декември, а поранешниот член на тимот Кевин Киснер изјави дека Вудс сака да игра цела сезона.

Во составот за декемврискиот турнир се и бранителот на титулата Хидеки Мацујама и Скоти Шефлер, кој се обидува да победи по третпат во последните четири години. Турнирот е без отсекување, а голферите не смеат да користат колички.