Алкараз го сврте мечот со Шелтон и е во финалето во Торино

Карлос Алкарас сервира
Фото: Oleg Yunakov / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Карлос Алкараз се пласира во финалето на завршниот турнир на сезоната во Торино, откако во првото полуфинале го совлада Бен Шелтон со 3-6, 6-3, 7-6(1). Шпанецот по два часа игра стигна до второто финале по ред на овој турнир, пренесува Тенис Мејџорс.

Американецот подобро го започна мечот. Шелтон уште во вториот гем му го одзеде сервисот на Алкараз, поведе со 3-0 и по 31 минута го освои првиот сет со 6-3, завршувајќи го со сервис-гем без изгубен поен.

Алкараз, кој во четвртокот направи магнетна резонанца поради проблем со задната ложа, во вториот сет го подигна нивото на игра. При 4-3 дојде до клучниот брејк по грешка на Шелтон со форхенд, а потоа сервираше за сетот и со бекхенд-винер по дијагонала израмни на 1-1.

Во одлучувачкиот сет немаше брејк. Шелтон се извлече во неизвесните гемови на свој сервис при 3-3 и 5-5, додека Алкараз до тај-брејкот загуби само пет поени на свој сервис.

Тај-брејкот беше целосно во знакот на Алкараз. Шпанецот со два силни сервиси поведе со 2-1, а Шелтон потоа направи грешки со форхенд и волеј на свој сервис, со што Алкараз стигна до 4-1. Со смеч обезбеди шест меч-топки, а ја искористи уште првата со бекхенд-винер од ретурн за 7-1, пишува Тенис Ворлд.

Со оваа победа Алкараз ја продолжи победничката серија на 13 меча, сезонава во сала има скор од 14-0, а во меѓусебните дуели со Шелтон сега води со 5-1. Така му се реваншираше за поразот во четвртфиналето на Отвореното првенство на САД.

Алкараз во групната фаза ги совлада Френсис Тиафо и Флавио Коболи, кого во последното коло од групата го победи со 6-4, 6-1. Шелтон стигна до полуфиналето и покрај поразот од Зверев, а клучна за него беше победата над Ходар со 7-6(8), 7-5.

Во финалето в недела Шпанецот ќе игра против победникот од второто полуфинале, во кое вечерва ќе се сретнат Александар Зверев и Даниил Медведев.