Лара Колтури со прва победа во Светскиот куп за Албанија

Лара Колтури во слаломска трка
Фото: Tournasol7 / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Лара Колтури победи на слаломската трка во Гургл и стигна до својата прва победа во Светскиот куп во алпско скијање. Дваесетгодишната скијачка ѝ ја донесе на Албанија првата победа во историјата на ова натпреварување, пренесува ФИС.

Колтури стигна до триумфот шест дена по 20тиот роденден и по девет претходни пласмани на подиумот без победа. Втора беше Швеѓанката Сара Хектор, со 27 стотинки заостанување, а трета нејзината сонародничка Ана Свен Ларсон, која заостана 30 стотинки.

Првото возење се одржа во магла и при слаба видливост. Свен Ларсон, која стартуваше со број два, најдобро се снајде во тешките услови и поведе, а Колтури беше единствената од фаворитките со стартни броеви од четири до шест што остана блиску до неа, со 24 стотинки заостанување.

Во второто возење Колтури го постигна третото најбрзо време и беше единствената скијачка што се пласираше меѓу најдобрите пет во двете возења. Свен Ларсон, која стартуваше последна, не успеа да го одбрани водството, а Хектор со второто најбрзо време во финалното возење се искачи на второто место.

„Не можам ни да дишам за да зборувам. Чувството е нереално. Ова е лудо. Алпското скијање станува сè попознато во Албанија, па сум многу благодарна“, изјави Колтури по трката.

Таа призна дека не размислувала за победата: „На стартот никогаш не мислам на резултатот, само сакам да уживам и тоа функционира во последните неколку трки. Денеска всушност се чувствував уморно.“

Колтури порасна во Италија, а нејзината мајка Даниела Чекарели е олимписка шампионка во супервелеслалом од 2002 година. Скијачката уште од почетокот на кариерата во Светскиот куп ја претставува Албанија, а сезонава веќе го освои второто место на првите две трки во Зелден и Леви.