Новозеландецот Навахо Стирлинг ја забележа најголемата победа во кариерата. Непоразениот борец во полутешка категорија го нокаутира поранешниот шампион Јиржи Прохаска во главната борба на УФЦ-вечерта во Доха, со десно кроше на 4:58 минути од втората рунда, објави УФЦ.
Стирлинг со тоа го подобри својот професионален скор на 12 победи без пораз. Тоа му е седма последователна победа откако влезе во УФЦ и четврта оваа година, сите со нокаут, пренесува Би-би-си.
Прохаска имаше шанса да ја заврши борбата уште во првата рунда, кога со силен десен удар го собори Новозеландецот. Стирлинг брзо се опорави, го нападна Чехот со удари со нозе, а на самиот крај од втората рунда избегна еден удар и возврати со десно кроше. Прохаска падна, а судијата ја прекина борбата по уште еден удар на земја.
По борбата, 34-годишниот Прохаска призна дека Стирлинг таа вечер бил подобриот борец.
Ваквата победа вообичаено отвора пат кон борба за титулата, но шампион во полутешка категорија е Карлос Улберг, соиграч на Стирлинг од истиот клуб во Нов Зеланд. Улберг ја освои титулата против Прохаска во април, но оттогаш не се борел поради скинати вкрстени лигаменти.
„Не сум сигурен уште, ќе смислиме нешто и ќе видиме кој е над мене“, изјави 29-годишниот Стирлинг на прашањето кој би сакал да му биде следниот противник.
На истата вечер Кевин Ваљехос едногласно го победи поранешниот шампион Алџамејн Стерлинг, а Ден Хукер со едногласна одлука го совлада Брајан Ортега, кој по поразот објави дека се повлекува од спортот.
















