Брентфорд во понеделникот вечерта го совлада Евертон со 4-0 на својот стадион во Лондон, во натпревар од Премиер лигата. Кин Луис-Потер постигна два гола, а гостите уште во првото полувреме останаа со играч помалку по исклучувањето на капитенот Џејмс Тарковски.
Вечерта требаше да биде свечена за Дејвид Мојс, кој ја предводеше екипата на Евертон по 593ти пат и стана тренер со најмногу натпревари на клупата на овој клуб, пишува Би-Би-Си спорт. Наместо тоа, тој го доживеа најтешкиот пораз со Евертон во Премиер лигата од 2009 година наваму.
Домаќините поведоа во 23тата минута. Џејдон Ентони го пронајде Луис-Потер во казнениот простор, а топката по неговиот удар се одби од еден од противничките дефанзивци и го измами голманот Џордан Пикфорд. Само две минути подоцна Луис-Потер повторно погоди, а топката и овојпат заврши во мрежата по рикошет.
Во 40тата минута судијата Крег Посон првично му покажа жолт картон на Тарковски поради стартот со високо крената нога врз Јегор Јармољук, но по интервенцијата на ВАР го исклучи капитенот на Евертон. Тоа беше првиот црвен картон за Тарковски во Премиер лигата. Пред паузата, голманот Кивин Келехер го спречи Тиерно Бари да постигне гол.
Во второто полувреме Брентфорд го контролираше натпреварот. Капитенот Виталиј Јанелт во 67мата минута постигна прекрасен гол од далечина, а резервистот Фабио Карваљо во 90тата минута го постави конечниот резултат по корнерот што го изведе Микел Јенсен.
Со оваа победа Брентфорд се искачи на шестото место на табелата, а според клубот, ова е неговата најубедлива победа откако Кит Ендрус е тренер. Евертон, кој пред репрезентативната пауза имаше три последователни победи, ја пропушти можноста да се најде меѓу првите пет екипи и падна на деветтото место.
„Не игравме доволно добро, а Брентфорд играше. Немаме никакви поплаки, тие целосно заслужија да победат. Изведбата беше многу под стандардите што ги поставивме“, изјави Мојс, пренесува Би-Би-Си. За црвениот картон рече дека во првиот момент не сметал дека стартот заслужува исклучување, но откако ја погледнал снимката, видел дека ногата на Тарковски била високо крената.
И на официјалната веб-страница на Евертон признаваат дека екипата играла далеку под своето ниво. Евертон веќе в недела ќе го игра градското дерби против Ливерпул, додека Брентфорд в сабота ќе гостува на „Олд Трафорд“.
















