Алкарас можеби нема да игра сингл против Австрија во Дејвис купот

Карлос Алкарас
Фото: Олег Јунаков / Викимедија комонс (CC BY-SA 4.0)

Карлос Алкарас пристигна во Болоња на завршниот турнир на Дејвис купот, но шпанските медиуми пишуваат дека селекторот Давид Ферер размислува да не го вклучи во поединечните натпревари во четвртфиналето против Австрија. Шпанија првиот дуел ќе го игра во четврток, не пред 17 часот.

Според Пунто де брејк, Ферер планира Рафаел Ходар да настапи како прв, а Даниел Мерида како втор тенисер на Шпанија, исто како во квалификациите во Чиле. Алкарас би настапил само доколку натпреварот во двојки го решава победникот, и тоа во пар со Марсел Гранолерс, а би бил поштеден за евентуалното полуфинале во сабота.

Шпанецот во неделата го освои завршниот турнир на сезоната во Торино, а потоа по копнен пат отпатува за Болоња, каде што пристигна во понеделникот навечер. Тој пристигна со завој на задната ложа поради проблемите што ги имаше во Торино, па шпанската федерација сега прави сè за да му обезбеди што повеќе одмор, пишува Еј-Би-Си.

Алкарас нема да тренира денеска, кога на теренот ќе бидат Гранолерс и Педро Мартинез, а потоа Ходар и Мерида. Првиот тренинг во Болоња ќе го одржи во среда, наведува Тенис темпл. Од истата причина, прес-конференцијата на шпанската репрезентација е одложена за среда.

„Мислам дека ова е добра можност да го освоиме Дејвис купот, а Карлос е клучен за нас. Тенисерите доаѓаат физички уморни, бидејќи е крај на годината, но се надевам дека ќе биде недела во која и ќе уживаат“, изјави Ферер, за кого ова е последниот турнир како селектор на Шпанија.

Самиот Алкарас по финалето во Торино изјави дека медицинските прегледи покажале добри резултати. „Дејвис купот е многу важен за мене. Ќе направам сè за да бидам во најдобра можна физичка состојба и да му помогнам на тимот колку што можам“, рече тој.

Селекторот на Австрија, Јирген Мелцер, исто така смета дека Алкарас би можел да биде поштеден. „Можам да замислам дека ќе го прескокне првото коло за да се одмори“, изјави Мелцер, пренесува Ое24. Сепак, оваа можност сè уште не е официјално потврдена.

Завршниот турнир во Болоња почнува денеска со четвртфиналето меѓу Чешка и Канада.