Панатинаикос славеше со 86-83 на гостувањето кај Валенсија во 14тото коло од Евролигата по драматична завршница во „Роиг арена“. Победата ја донесе Најџел Хејс-Дејвис со тројка во последната секунда од натпреварот во кој водството се менуваше 16 пати, објави Евролигата. Панатинаикос сега има скор од 10-4, а Валенсија 9-5.
Се чинеше дека домаќините го имаат натпреварот под контрола кога Ти-Џеј Шортс на околу 40 секунди пред крајот погоди за 83-80. Кендрик Нан потоа со тројка израмни на 83-83, а во последниот напад Силвен Франциско му додаде на Хејс-Дејвис, кој погоди од околу девет метри со истекот на времето, пишува Еврохупс.
Американецот по вторпат за помалку од една година ја порази Валенсија со кош на сирената. Во вториот натпревар од четвртфиналето на плејофот минатата сезона, тој со кош во последната секунда од продолжението донесе победа од 107-105, наведува Баскет њуз. Валенсија сепак ја доби таа серија.
Хејс-Дејвис го заврши натпреварот со 11 поени и две погодени тројки од четири обиди. Најефикасен кај Панатинаикос беше Џеријан Грант со 14 поени, Нан додаде 13, а Николаос Рогкавопулос и Гершон Јабуселе постигнаа по десет поени, при што Јабуселе забележа и седум скока.
Кај Валенсија, Шортс, кој првпат играше против својот поранешен клуб, постигна 15 поени и забележа седум асистенции. Армони Брукс додаде 14, а Нејт Сако постигна 13 поени и забележа седум скока. Домаќините погодија само десет од 19 слободни фрлања, додека гостите реализираа 18 од 24. Со овој пораз беше прекината победничката серија на домаќините, објави Валенсија баскет.
„Нема конфети, нема трофеј, само добивме натпревар од регуларниот дел. Сега можеме да уживаме во паузата. Жељко ми рече дека ако победиме ќе добијам повеќе слободни денови, па јас го исполнив мојот дел од договорот“, изјави Хејс-Дејвис по натпреварот.
„Среќата беше на наша страна во последниот шут. Долго игравме добра кошарка, но Валенсија се врати по нашите грешки и се бореше до крајот. Честитки и за Валенсија, бидејќи играше одлична кошарка, како и во целата сезона“, рече тренерот Жељко Обрадовиќ, кој го пофали и пасот на Франциско во последниот напад.
Во претходното коло од Евролигата за најкорисен играч беше избран Мозес Рајт, а натпреварувањето сега ќе биде во пауза до почетокот на декември.
















