Тенисерите на Италија денеска од 16 часот во Болоња ја почнуваат борбата за четврта последователна титула во Дејвис купот. Во четвртфиналето на завршниот турнир ќе играат против Јужна Кореја, која првпат настапува меѓу осумте најдобри репрезентации, а победникот во петок ќе игра против Чешка во полуфиналето.
Италијанците се шампиони во последните три изданија, во 2023, 2024 и 2025 година, а таков успех не постигнала ниту една репрезентација откако е укинат таканаречениот Челинџ раунд, потсетува италијанската агенција Лапресе.
Селекторот Филипо Воландри ќе мора да се снајде без повредениот Јаник Синер, кој беше опериран на коленото. Најдобро рангиран италијански тенисер во Болоња е Флавио Коболи, кој е седми на светската ранг-листа, а во тимот се и Лучано Дардери, Лоренцо Музети, Матео Беретини и специјалистот за игра во двојки Андреа Вавасори.
Беретини беше повикан минатата недела како замена за Симоне Болели. Италија досега трипати играла против Јужна Кореја и победила во сите три дуели, во 1981, 1987 и 2020 година, пишува Република.
Корејскиот селектор Чунг Џонг-сам до последен момент се двоумел околу изборот на составот. Според корејскиот медиум Тенис Кореја, во првиот меч во поединечна конкуренција ќе настапи Хонг Сонг-чан, кој е 787ми на светската ранг-листа, а во вториот најдобро рангираниот Корејец Квон Сун-у, кој е на 139то место. Ако по двата меча во поединечна конкуренција резултатот биде 1-1, во решавачкиот меч во двојки ќе играат Квон и Чунг Хјон.
Чунг Хјон, полуфиналист на Отвореното првенство на Австралија во 2018 година, не беше избран да настапи во поединечна конкуренција поради бавното закрепнување од повредата на десното стапало, која ја доживеа во септември.
„Италијанските тенисери се многу подобро рангирани, но тоа што нашите играчи се пониско на листата не значи дека сме послаби“, изјави корејскиот селектор, пренесува агенцијата Јонхап. „Ние сме најниско рангираните играчи на турнирот и немаме голем притисок. Во екипните натпреварувања никогаш не знаеш што може да се случи“, додаде Хонг.
Воландри предупреди дека ривалот не смее да се потцени. „Во Дејвис купот сè е можно. Ранг-листата воопшто не е важна, затоа мораме да внимаваме“, рече италијанскиот селектор. Во другиот дел од ждрепката, во четврток Велика Британија ќе игра против Германија, а Австрија против Шпанија. Чешка веќе се пласираше во полуфиналето со победата од 2-0 над Канада.
















