Со секој сет гуми на трката за Големата награда на Катар ќе може да се извозат најмногу 27 круга, што значи дека сите возачи ќе мора да застанат во боксот најмалку двапати, објави Формула 1.
Одлуката ја донесе Пирели заедно со ФИА и Формула 1, по претходни консултации со тимовите. Трката на патеката Лусаил, која е претпоследна во сезоната, ќе трае 57 круга, па не би можела да се заврши со само една промена на гумите.
Круговите ќе се бројат збирно од сите сесии во текот на викендот, вклучувајќи ги и оние извозени зад безбедносниот автомобил или при активиран виртуелен безбедносен автомобил. Нема да се бројат круговите за запознавање со патеката, кругот за загревање и круговите по завршувањето на трката.
Ограничувањето е малку повисоко од минатогодишното, кога изнесуваше 25 круга. Во 2023 година ограничувањето беше само 18 круга, а во 2024 година немаше ограничување, потсетува Еј-Ес-Пи-Ен.
Според Пирели, зголемувањето е можно поради помалите оптоварувања што ги создаваат болидите од новата генерација и дополнително зајакнатата конструкција на гумите. Мерката е превентивна и е поврзана со големите оптоварувања, топлинскиот стрес и абењето на гумите на патеката во Катар.
„Знаеме дека проблемот во Катар е многу големото локално абење, особено напред, каде што стопроцентно абење лесно се достигнува по 25 или 26 круга во просек“, објасни главниот инженер на Пирели за Формула 1, Симоне Бера, пренесува Аутоспорт.
Секој возач ќе има на располагање 13 сета гуми, два од најтврдата смеса, четири од средната и седум од меката смеса. Во Катар ќе се користат трите најтврди смеси од понудата на Пирели, а лани, кога во рамките на тркачкиот викенд се одржа и спринт, возачите имаа 12 сета.
















