Британскиот возач Оливер Берман ќе вози за Хас и во сезоната 2027 во Формула 1, официјално потврди американскиот тим во четвртокот, во пресрет на Големата награда на Катар. Берман е последниот возач чие учество беше потврдено за следната сезона, со што е комплетиран списокот на возачи за 2027 година, пишува Формула 1.
Според Скај спортс, по долгите преговори двете страни се договориле да го продолжат договорот за уште една година. Берман пред трката во Лас Вегас изјави дека е разочаран што сè уште нема договор, иако и тој и тимот повеќепати истакнуваа дека сакаат да ја продолжат соработката.
„Не е тајна дека сум пресреќен што продолжувам со Хас и во 2027 година. Овој тим имаше клучна улога во мојот развој и чувствувам огромна верба и поддршка од сите овде. Имаме големи амбиции да продолжиме да напредуваме и јас сум возбуден што ќе ја предводам таа работа. Имаме недовршена работа“, изјави Берман.
„Продолжувањето со Оли во 2027 година беше природна одлука за нас. Го видовме неговиот раст, посветеноста и квалитетот што го носи во тимот, и на патеката и надвор од неа. Тој има огромна работна етика и силна желба да се развива себеси и тимот“, рече шефот на тимот Ајао Комацу, пренесува официјалната страница на Хас.
21-годишниот Британец досега има 48 старта во Формула 1 и освоено 71 бод. За Хас првпат возеше на слободните тренинзи во 2023 година, во 2024 година двапати го замени Кевин Магнусен на трките во Азербејџан и Сао Паоло, а од 2025 година е редовен возач на тимот. Неговиот најдобар резултат е четвртото место на Големата награда на Мексико минатата сезона, со што го израмни најдобриот пласман во историјата на тимот.
Во сезоната 2026 најмногу бодови освои со петтото место на Големата награда на Кина, а пред последните две трки е 13ти во генералниот пласман кај возачите, наведува Формула 1.
Берман е член на возачката академија на Ферари и уште во 2024 година дебитираше во Формула 1 токму за Ферари, како замена за Карлос Саинц на Големата награда на Саудиска Арабија. Според Би-Би-Си, неговите менаџери барале гаранции од Ферари за неговата иднина, но не е познато какви уверувања добил.
Негов тимски колега во 2027 година ќе биде Бразилецот Рафаел Камара, кој исто така е член на академијата на Ферари и веќе го вози болидот на Хас по разделбата на тимот со Естебан Окон. Во сезоната 2027 ќе се одржат 24 трки и 10 спринтови.
















