Хрватска се врати на Светското првенство по 13 години

Дарио Шариќ во дресот на репрезентацијата на Хрватска
Фото: Man Wiki / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Кошаркарите на Хрватска ја совладаа Полска со 80-69 во Гливице и обезбедија пласман на Светското првенство, кое следната година ќе се одржи во Катар. Хрватска ќе настапи на мундијалот за првпат по 2014 година, пренесува Баскетњуз.

Најефикасен кај гостите беше Данко Бранковиќ со 17 поени и осум скока, а ги погоди сите седум шута од игра. Лука Божиќ додаде 13 поени, а капитенот Дарио Шариќ имаше 11 поени, 12 скока и шест асистенции. Кај Полска најдобар беше Џерик Хардинг со 19 поени, а Матеуш Понитка постигна 18.

Со оваа победа се решени дилемите околу пласманот во групата К. Германија, Хрватска и Полска обезбедија пласман, а Латвија, Израел и Холандија веќе немаат шанси да стигнат до Катар.

Светскиот шампион Германија во петокот ја совлада Латвија во Рига со 78-76 и обезбеди пласман на мундијалот. Андреас Обст постигна 25 поени, најмногу досега во својата репрезентативна кариера, пренесува ФИБА. Со германската победа пласман си обезбеди и Полска, уште пред својот натпревар против Хрватска.

Полска ќе настапи на Светското првенство само по третпат во својата историја, наведува ТВП ворлд.

Германија, која ја освои титулата во 2023 година, ќе се обиде да стане четвртата репрезентација што успеала да ја одбрани светската круна. Тоа досега им успеало само на Бразил, СР Југославија и САД.

За Хрватска ова ќе биде прв голем турнир по пет години, бидејќи ги пропушти Европското првенство во 2025 година, Светското првенство во 2023 година и Олимписките игри во Париз. Хрватска и Германија имаат по осум победи и еден пораз, а Полска има седум победи и два пораза.

Во петокот пласман обезбеди и Франција, која на гостувањето во Естонија победи со 81-73, пренесува Еурохупс. Во понеделник во групата К ќе се одигра уште едно коло, во кое Германија ќе ја пречека Полска, а Хрватска ќе игра против Холандија.