Започна дискусијата: Може ли Меси да му ја „украде“ Златната топка на Роналдо?


    Кој тепа, Ливерпул или Челзи!? ↓↓↓


    Лионел Меси се врати по повредата во натпреварот против Депортиво. Аргентинецот веднаш по влегувањето од клупата постигна гол, па најави уште една одлична сезона. Од друга страна, Кристијано Роналдо се повреди во финалето на ЕП, а тоа очигледно остави подлабока трага отколку што се надеваше. Бидејќи напаѓачот на Барселона блеска додека Роналдо е целосно „изгубен“. Вистина, Роналдо од време на време ќе игра добро, но тоа е многу слабо за еден од најдобрите фудбалери во светот.

    Вистинска штета е што има пауза во првенствата поради репрезентативните обврски, бидејќи Меси игра во неверојатна форма. Дриблинзи, удари, асистенции, магични потези, се беше тука, баш како некогаш, во најдобриот период од кариерата. Така во последните 9 натпревари за Барселона постигна 13 голови и направи 4 асистенции. На натпреварот во Андалузија тој влезе во клуб 500 во дресот на Барса, а тоа е неверојатен податок со оглед дека има само 29 години. И тука сигурно нема да сопре,на ред се некои нови рекорди(ако воопшто ги има).

    https://youtu.be/QhoepBFcJ00

    Токму неговите последни настапи и одлична статистика започнаа голема дискусија за тоа кој ќе ја освои „Златната топка“. Многумина сметаат дека сигурен победник е неговиот ривал од Реал, со кој стигна до врвот на Европа. А потоа истото го направи и со Португалија. Роналдо на ЕП не играше одлично, но имаше многу среќа. Сигурно дека овие трофеи имаат голема важност, а најверојатно и одлучувачка во конечниот избор.

    Меси ја освои Примера, кралскиот куп и Суперкупот на Шпанија, повеќе се посвети на тимот, но Португалецот повторно е во предност. Кога ќе ја погледнеме 2016-та година, Меси постигна 51 гол, 7 повеќе од својот ривал. Исто така тој имаше и 29 асистенции, а тоа е за 14 повеќе од Роналдо, а интересно е и тоа што повеќе голови има постигнато од слободни удари. Исто така, и останатата статистика оди во корист на Меси. Сепак, тешко е да се очекува дека ќе стигне до „Златната топка“. Меѓутоа, има и такви кои се сигурни дека добитникот на наградата е токму тој.

    „Да се доделува Златната топка навистина на најдобриот фудбалер на светот, Меси би ја добил за секоја година од 2009 па навака. Тој е на повисоко ниво од сите.“, изјави Џерард Пике.

    Сега, со право може да го поставите прашањето колку големи се шансите Меси да ја освои оваа награда. Мораме да се вратиме во минатото, поточно во 2010 година. Таа сезона Барселона ја освои титулата во Шпанија, а Интер со Мурињо освои тројна круна, а многумина го видоа таа сезона одличниот Снајдер како добитник. Тој со Холандија стигна до финалето на СП, а со Интер ги победи сите и беше главен играч. Некои веруваа дека сепак ќе победи Иниеста или Чави поради титулата со Шпанија, но познато е дека Меси ја доби тогаш наградата. Токму тогаш пресудија неговите индивидуални успеси, па зашто не би се повторило истото оваа година?!

    https://youtu.be/oK2y_j2FOYc

    Две години подоцна е малку поинаква ситуацијата, Меси не освои ништо важно, Реал беше шампион во Шпанија, но Шпанците освоија ЕП. Меѓутоа, Меси токму тогаш го сруши рекордот на Милер по бројот на голови во сезоната и повторно победи. Истиот случај се случи и година подоцна, но овој пат Роналдо победи, иако Реал имаше очајна сезона без трофеј. Вистина, сега ситуацијата е малку различна, Роналдо има многу постигнато на колективно ниво, но гледајќи ја индивидуалната статистика, Меси е многу подобар. Ова и тоа како мора да се земе во предвид и токму Меси има најголема надеж. Некои трет покрај нив двајца навистина нема шанси, барем не оваа година…

    Меси постигна најмногу голови, имаше најмногу асистенции, најмногу дриблинзи, хет-трикови, освои најмногу трофеи, играше и финале на Копа Америка. Покрај тоа, прогласен е за најдобар напаѓач во Примера. Е сега, кога се ова би се видело, „Златната топка“ сигурно би завршила во негови раце. Меѓутоа, нејасни се критериумите, па се остава простор за манипулација. Ни останува да го почекаме јануари и да дознаеме дали индивидуалната статистика и овој пат ќе победи или сепак ќе победат тимските успеси. Голем број експерти сметаат дека треба да победи оваа втора опција, но ништо не е сигурно.

    https://youtu.be/hxLd2Qo2_L4