Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски по објавувањето на списокот на повикани фудбалери истакна дека против Србија, која ја смета за најголем фаворит од нашата група за пласман на континенталниот собир, мора да играме максимално подготвени и сконцентрирани доколку сакаме да добиеме нешто од тој натпревар.
„Играме натпревар против една од најквалитетните репрезентации во групата, според мене фаворит за пласман на ЕП 2019, противник кој има интернационалци од најсилните лиги, мора да влеземе максимално подготвени и сконцентрирани на овој меч. Системот на игра на Србија во однос на Европското првенство не е сменет. Има неколку играчи од тој состав кои сеуште се дел од тимот. Тука се Јовановиќ, Грујиќ и Гајиќ, но ќе видиме со каков состав ќе настапат против нас. Македонија покажа квалитет во изминатиот период, се надевам така ќе биде и против Србија, а потоа и против Гибралтар. Ѓорѓев и Елмас ќе ни бидат на располагање на првиот дуел, а потоа, ќе ги ослободиме поради обврски во А репрезентацијата. Првпат со нас е Душан Ѓорѓев, голман кој ни доаѓа од САД и настапува за Оклахома. Повикани се вкупно 22 фудбалери кои верувам максимално ќе одговорат на новиот предизвик кој ги очекува“- изјави Милевски.
Првиот тренинг репрезентацијата ќе го има на 1. октомври во 14:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“. Официјалниот тренинг пред мечот е на 5. октомври. Влезниците за натпреварот Македонија – Србија се веќе пуштени во продажба преку мрежата на mktickets и чинат 150 денари.