Вардар го претстави триото Тошевски, Попзлатанов, Цветаноски


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Тоа што се шпекулираше во изминативе две недели денес го доби својот официјален епилог. Македонскиот шампион Вардар се засили со тројца играчи од Пелистер.

Црвено црниот дрес од денес ќе го носат Кристијан Тошевски, Јован Попзлатанов и Матеј Цветаноски. Сите тројца потпишаа договор со кој се обврзаа на верност со Вардар во траење од три години.

Тошевски игра на позицијата десен бек и веќе е стандарден македонски репрезентативец, а во досегашниот тек на кариерата има настапувано за Тетекс и Пелистер.

„Од понудите услови сум задоволен, и кога ми стигна понудата, воопшто не размислував. Ја прифатив, и ете сега сум дел од Вардар, од клубот број еден во Македонија. Секој играч во Македонија, посакува да игра за овој тим, и едвај чекам да почнам да играм во нашиот најдобар клуб“- коментираше Тошевски по потпишувањето на договорот.

Иста кариера има и 21 годишниот Попзлатанов кој во досегашниот тек на неговата кариера настапувал за Тетекс и Пелистер. Младиот фудбалер игра на позицијата десно крило, а може да помогне и на позицијата десен бек. Попзлатанов е член на репрезентацијата на Македонија до 21 година.

„На секој му годи кога ќе добие понуда да настапува во Вардар. Тоа е најдоброто нешто за еден фудбалер, и секој играч би сакал да настапува во најдобриот клуб. Не го кријам моето задоволство што сум ангажиран од страна на Вардар и чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од овој клуб“ – изјави Попзлатанов.

Матеј Цветаноски се смета за еден од најталентираните и најперспективни фудбалери од Македонија. 20 годишниот офанзивен играч во досегашната кариера настапувал за Македонија Ѓорче Петров и Пелистер.

„Супер се чувствувам. Станав дел од најдобриот клуб во Македонија, и пресреќен сум. Секој играч сака да настапува во Вардар. Не знам како да го опишам ова чувство. Мислам дека нема соодветни зборови. Со нетрпение очекувам да почнам во новиот клуб, да почнам да тренирам и да играм во дресот на Вардар“- коментираше Цветаноски на претставувањето.

Вардар денес и официјално ги стартува подготовките во пресрет на втората полусезона од македонскиот шампионат.