Ѓоковиќ со прекрасна порака ги освои срцата на Хрватите

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ предизвика голем број коментари пред неколку дена со изјавата дека навива за Хрватска на Светското првенство во Русија.

Ѓоковиќ тогаш кажа дека ќе навива за Хрватите и дека се надева дека ќе освојат златен медал, а неговата изјава ја критикуваа медиумите во Србија. Меѓутоа, откако им одржа „лекција“, по освојувањето на Вимблдон, тој повторно испрати порака до хрватските репрезентативци.

„Им честитам на Лука Модриќ и целата хрватска репрезентација на неверојатниот успех. Многу е убаво мала земја од нашиот регион да успее на големо натпреварување, како што е Светското првенство“, кажа Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер е во добри односи со неколку Хрвати, а исто така тие му дадоа поддршка пред финалето во Вимблдон, каде што Ѓоковиќ по четврти пат го освои грен-слем турнирот.