Естонија стана најновата земја што соопшти дека нема да им дозволи на руските и белоруските спортисти да се натпреваруваат на нејзина територија поради војната во Украина, пренесува Би-би-си. Слични одлуки претходно објавија Норвешка, Финска и Канада.
Естонската влада испрати писмо до Меѓународната скијачка федерација, во кое наведува дека влезот на натпреварувачите од Русија и Белорусија би ја поткопал поддршката на земјата за Украина и би им дал можност за пропаганда. Забраната воведена во 2022 година ќе остане на сила.
„Естонската влада има став дека натпревари со учество на руски и белоруски спортисти не можат да се одржуваат во Естонија“, се наведува во писмото на Министерството за култура, објави естонскиот јавен сервис ЕРР.
Одлуката е особено важна бидејќи Отепе во јануари ќе биде домаќин на Светското јуниорско првенство во нордиски дисциплини, а во февруари и на Светското првенство во биатлон, пишува ЕРР.
Меѓународната скијачка федерација во септември ги олесни правилата и одлучи спортистите од двете земји да можат да настапуваат на нејзините натпревари доколку потпишат изјава за неутралност. Претходно тие минуваа низ построги проверки за можни врски со војската, а и понатаму можат да настапуваат само во поединечни дисциплини, без знаме, химна и национални обележја.
„Политиката за индивидуални неутрални спортисти е јасна дека, без оглед на правото на учество, визниот режим и правилата за влез ги одредува исклучиво земјата домаќин“, соопшти федерацијата за Би-би-си, додавајќи дека не сноси одговорност за одбиени визи.
Меѓународниот олимписки комитет во јули привремено ја врати Русија во своите натпреварувања. Светските федерации за гимнастика, пливање и бокс ги укинаа ограничувањата за руските спортисти, додека Светската атлетика ја задржа целосната забрана.
















