Фереро: Тоа што го тренирав Алкарас не значи дека не можам да го тренирам неговиот најголем ривал

Фереро: Тоа што го тренирав Алкарас не значи дека не можам да го тренирам неговиот најголем ривал
Фото: tripletrouble / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Хуан Карлос Фереро повторно ја отвори можноста да работи со Јаник Синер. Поранешниот тренер на Карлос Алкарас во интервју за Punto de Break, по повод излегувањето на неговата прва автобиографска книга, порача дека евентуалната соработка со Италијанецот никогаш не би била од одмазда.

„Луѓето што го следат Карлитос сакаат најдобро за него, па можеби ќе им пречи да ме видат во тимот на Јаник. Да се случеше тоа еден месец по разделбата, можеби ќе помислеа дека го правам од одмазда или за да го иритирам“, изјави Фереро. „Сега, кога врската заврши и помина една година, се обидувам да се фокусирам на мојот раст како тренер.“

„Тоа што го тренирав Карлос не значи дека не можам да го тренирам и неговиот најголем ривал. Таков е натпреварувачкиот свет, понекогаш си со една група, а потоа со друга. Само барам почит за одлуката што на крајот ќе ја донесам. Никогаш не би му посакал ништо лошо на Карлос“, додаде тој.

Засега ништо не е договорено

Шпанецот, поранешен број 1 на светот и шампион на Ролан Гарос од 2003 година, тврди дека засега нема договорен ангажман. „Нестрплив сум, натпреварувањето ме повикува. Засега немам ништо затворено, ви го кажувам тоа со целосна искреност. Ќе се вратам само ако дојде нешто што навистина ме воодушевува, а ако не, ќе бидам мирен во академијата“, рече Фереро.

Тој појасни дека би сакал помалку исцрпувачка улога од онаа со Алкарас, кого го тренираше уште од тинејџерските денови. Сега би се свртел кон поформиран тенисер, кој не бара тренерот да биде на 200 отсто секој ден. Имал многу понуди и од женскиот тенис, но засега се гледа во машката конкуренција.

Од срце Алкарас, по бројки Синер

Фереро и Алкарас ја завршија седумгодишната соработка во декември минатата година, по 24 титули, меѓу кои шест гренд слем трофеи, потсетува Tennis365. Тогаш Фереро порача дека посакувал да продолжи, а Алкарас сега го води Самуел Лопес од академијата на Фереро.

На прашањето кој е подобар меѓу двајцата најголеми ривали, Фереро одговори: „Од срце би го одбрал Карлос, но според бројките би морале да одиме со Јаник.“ Тој ги пофали тренерите на Синер за напредокот во последните години, особено во играта на мрежа и промената на ритамот, и додаде дека заслужено треба да се цени и она што го постигна Александар Зверев.

Автобиографијата „Победнички менталитет“ излезе во среда, а во неа Фереро пишува и за шестте години без титула што следеа по 2004 година, кога како втор тенисер на светот се разболе од овчи сипаници и никогаш повеќе не се врати на врвот.