Фриц и Тиранте ќе играат за титулата во Стокхолм

Тејлор Фриц
Фото: Skyscraper2010 / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Тејлор Фриц и Тијаго Агустин Тиранте денеска ќе играат во финалето на турнирот во Стокхолм. Првиот носител Фриц во полуфиналето го совлада третиот носител Лоренцо Мусети со 6-4, 6-2 за само 63 минути, пренесува АТП.

Американецот, десеттиот тенисер на светот, реализираше три од четирите брејк-топки и се пласираше во шестото финале во сезоната, што е негов најдобар учинок во една година. Тој стигна и до 15та победа во сала оваа сезона, најмногу од сите тенисери на турата.

Со победата Фриц му се оддолжи на Мусети за поразот во финалето во Лион кон крајот на октомври, а заостатокот во меѓусебните дуели го намали на 4-5. „Играв навистина добро. Неодамна изгубив од Лоренцо во финале, па знаев дека морам многу работи да променам и да играм на одреден начин. Тоа што го сакав го изведов многу добро“, изјави Фриц.

Американецот по Стокхолм ќе патува во Торино како втора резерва за завршниот турнир на АТП. Тој во финалето ќе се обиде да ја освои втората титула во сезоната, по онаа во Вашингтон, и да го задржи низот од најмалку две титули секоја година од 2022 наваму.

Тиранте го совлада четвртиот носител Алехандро Табило со 7-5, 7-6(1) и се пласираше во првото финале на АТП во кариерата. Аргентинецот при 5-4 во вториот сет не успеа да сервира за победа, но во тај-брејкот ги освои првите пет поени, пишува Тенис мејџорс.

„Секогаш имаш нервоза на натпреварите, а да играш полуфинале пред многу публика е многу посебно за мене. Многу сум среќен што ќе го играм првото финале на АТП, и тоа токму овде“, изјави Тиранте, кој е првиот Аргентинец во финале на турнир во сала по Диего Шварцман во Антверпен во 2021 година.

25-годишниот Аргентинец, 51ви на светската ранг-листа, ја игра најдобрата сезона во кариерата со 31 победа на турата. Во август, во Синсинати, го победи Новак Ѓоковиќ и стигна до првото четвртфинале на мастерс турнир. Во единствениот досегашен меѓусебен дуел, во Монтреал во август, Тиранте го совлада Фриц со 7-5, 6-3.

Тиранте во интервју објавено на денот на полуфиналето проговори и за проблемите со менталното здравје со кои се соочувал во последните години. „Последните неколку години не бев навистина среќен, но сега сум среќен. Играта отсекогаш ја имав, но ментално не се чувствував добро“, изјави тој.