Матијас Гидсел уште еднаш ја потврди репутацијата на еден од најдобрите ракометари во светот. Данецот постигна 17 гола во победата на Фуксе Берлин против Порто со 40-32 и го израмни рекордот на ЕХФ Лигата на шампионите, кој 17 години му припаѓаше само на Шпанецот Хесус „Чучи“ Мартинез де ла Кал.
Гидсел стигна до 17 гола од 19 удари, а уште на полувремето, кога Берлинчани водеа со 20-17, имаше седум гола од осум обиди. Со 14тиот гол, за 32-27, го надмина својот личен рекорд во натпреварувањето, бидејќи претходно двапати во сезоната 2025/26 постигнал по 13 гола. Сега е убедливо прв стрелец на натпреварувањето со 36 гола, објави EHF Champions League.
Голманот Ласе Лудвиг имаше 14 одбрани, а кога капитенот Макс Дарј постигна гол за 34-28, победата беше сигурна. Фуксе така дојде до втората победа во сезоната и до шестиот триумф над Порто во исто толку меѓусебни дуели, со што се искачи на второто место во групата.
Барселона без грешка, 19 победи по ред
Бранителот на титулата Барселона го совлада Динамо Букурешт со 34-27 и стана третиот тим, по Веспрем и Магдебург, со максимални шест бода по трите кола. Тоа е 19та последователна победа на Каталонците во Лигата на шампионите. Голманот Серхеј Хернандез имаше 19 одбрани, а Дика Мем постигна шест гола. Романскиот шампион до полувремето се држеше блиску, но серијата од 4-1 на почетокот од второто полувреме и директниот црвен картон за Виктор Итуриза го решија дуелот.
Олборг остана без пораз по убедливото 33-23 на гостувањето кај Загреб. Никлас Ландин ги доби голманските дуели и постигна и гол, Јури Кнор имаше шест гола, а кај домаќинот Филип Главаш постигна 10. Олборг и Париз Сен Жермен сега се на врвот на групата со по пет бода.
Симиќ го спречи Нант, историска ноќ во Орхус
Мелсунген му го нанесе првиот пораз во сезоната на Нант, 28-23. Српскиот голман Небојша Симиќ имаше 17 одбрани, а домаќинот го реши натпреварот со серија од 6-0 во завршницата, за 27-21. Нант претходно ја имаше и првата предност на натпреварот, при 18-17.
Најголемото изненадување се случи во Данска, каде што Орхус го совлада двократниот европски првак Монпеље со 36-32. Тоа е прва победа во историјата на клубот во Лигата на шампионите. Јохан Хансен постигна осум гола, а голманот Магнус Петерсен имаше 10 одбрани уште во првото полувреме.
Во четвртокот Вардар загуби дома од Висла Плоцк со 26-32, и покрај 14те гола на Матео Фадуил. Третото коло ќе заврши во саботата со натпреварот на Сегед против Спортинг.
















