Ребрендираниот КК Скопје, поранешен Маџари, на прес-конференција ги претстави очекувањата пред стартот на новата сезона во македонската Суперлига, пренесува SportSport.
Во првото коло тимот на тренерот Марјан Илиевски ќе игра против Кожув на домашен терен во недела од 18:30 часот. Вицепрвакот од минатата сезона сака да изгради препознатлива градска приказна и база од млади играчи.
„Ги ребрендиравме зошто сакавме да имаме поддршка од целиот град, да го подигнеме нивото организациски и спортски, а со тоа да дојдат навивачите да гледаат поквалитетни натпревари. Сакаме да направиме база, да ги развиваме младинските категории. Целта е да создадеме македонски играчи кои би биле основа на екипата, заедно со странци како темел за идните цели, вклучително и учество во АБА 2“, изјави претседателот Боро Атанасовски.
Илиевски призна дека подготовките почнале малку задоцнето и дека смената на правилото за странски играчи го отежнала составувањето на ростерот. Имале и една промена на странец од почетокот на подготовките.
„Ростерот останува ист според замислата. Домашните се претежно млади, освен капитенот. Од овој тим се очекува енергија. За мене е најважен пристапот. И јас и управата имаме исти очекувања – висок пласман, иако искуството вели дека тоа не секогаш се остварува“, рече Илиевски.
Капитенот Марјан Младеновиќ вети максимална борба и покрај младиот состав. „Ние сме нова екипа во однос на минатата сезона. Добро се вклопивме како карактери. Имаме доста млади кои сакаат да се докажуваат, но ветувам 110 проценти борба на теренот.“
Дербито што ја отвора Суперлигата вечерва е меѓу МЗТ Скопје Аеродром и МКК Куманово во СЦ „Јане Сандански“, додека Скопје својот прв меч го чека во недела против Кожув.
















