Македонската борачка Вероника Консевич успешно го започна настапот на Светското првенство во борење во Астана. Во категоријата до 55 килограми во женското борење, таа во квалификациите ја совлада Адијат Идрис од Нигерија со 4-0.
Консевич беше првата македонска претставничка на душекот во казахстанската престолнина. Во следната борба ќе се соочи со Украинката Наталија Кливчуцка, а исходот од тој дуел не беше познат во моментот на подготовката на веста.
Полуфиналните борби во категоријата до 55 килограми се на програмата денеска, а борбите во репесажот и борбите за медали се закажани за утре.
Светското првенство се одржува во арената Барис од 24 октомври до 1 ноември. Според Светската борачка федерација, на шампионатот настапуваат околу 900 борачи, кои ќе се борат за 120 медали. Астана е домаќин на светско првенство за првпат од 2019 година.
Останатите македонски борачи во слободен стил ќе излезат на душекот во петок и сабота. На 30 октомври Бесир Алили во категоријата до 61 килограм ќе се бори против Леомид Колесник од Молдавија, а Ахмад Магомедов во категоријата до 86 килограми го чека победникот од дуелот меѓу Гари Чоу од Сингапур и Нан Чао од Кина.
На 31 октомври ќе настапат Владимир Егоров во категоријата до 57 килограми против Абубакар Муталиев од Русија и Расул Шапиев во категоријата до 79 килограми против Жакшулјук Баиташов од Киргистан.
Истиот ден Фати Вејсели во категоријата до 74 килограми го чека победникот од дуелот меѓу Мохамед Мотањинија од Шпанија и Каетано Антонио од Гвинеја Бисао, а Реџеп Хајдари во категоријата до 92 килограми ќе се бори против Литванецот Домантас Паулисченко.
Натпреварувањето во грчко-римски стил веќе заврши, а екипната титула ја освои Иран. Последните финални борби на шампионатот се на програмата на 1 ноември.
















