Фудбалската репрезентација на Македонија денеска отпатува за Швајцарија, каде утре во Луцерн го игра четвртиот натпревар од Лигата на нациите. Средбата на стадионот „Свиспорарена“ е закажана за 20:45 часот, а противникот е првиот фаворит во групата од Лигата Б.
Македонија досега ги загуби сите три натпревари во овој циклус. На отворањето Швајцарија победи во Скопје со 3-0, потоа следеше пораз во гостите од Словенија со 0-2, а потоа и пораз од Шкотска на домашен терен, исто така со 0-2. Тимот на Гоце Седлоски сè уште чека на првиот постигнат гол.
Седлоски на листата патници го додаде и Езџан Алиоски, кој пред тоа беше претставен како повреден, пишува SportSport. Македонската селекција вечерва ги има официјалната прес-конференција и тренингот, а на трибините во Луцерн се очекуваат најмалку 600 македонски навивачи.
Швајцарија влегува во мечот со максимален учинок, три победи од три натпревари. Со нови три бода против Македонија, тимот на Мурат Јакин би можел уште во вторник да го обезбеди враќањето во Лигата А, пишува швајцарскиот SRF.
Јакин против Македонија најави промени во составот. „Не станува збор за одмор на играчите, туку да внимаваме на нив и да ги заштитиме. Не сите играчи го имаат ритамот за четири натпревари во единаесет дена“, изјави селекторот, кој најави две до три измени во стартните единаесет.
Меѓу можните промени е влегувањето на Фабијан Ридер на местото на Јохан Манзамби.
Јакин се осврна и на првиот дуел во Скопје. „Против Македонија имавме шеснаесет шанси, а постигнавме премалку голови“, рече селекторот на прес-конференцијата, пренесува 20 Minuten.
Швајцарскиот селектор не криеше дека целта е враќање во елитното друштво и на големата сцена, по испаѓањето од Лигата А.
За Македонија натпреварот во Луцерн е последен во овој репрезентативен прозорец и шанса за барем делумно поправање на впечатокот по трите порази без постигнат гол.
















