Македонија ги дозна можните ривали во квалификациите за ЕУРО 2028

Натпревар на македонската фудбалска репрезентација во Скопје
Фото: Dandarmkd / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Фудбалската репрезентација на Македонија ќе биде во третиот шешир на ждрепката за квалификациите за Европското првенство во 2028 година, откако по завршувањето на групната фаза од Лигата на нациите стана позната распределбата на репрезентациите, пренесува Индипендент.

Ждрепката ќе се одржи во недела, 6 декември, во Меѓународниот конгресен центар во Белфаст, со почеток во 18 часот, соопшти УЕФА.

Тоа значи дека „црвените лавови“ во својата група нема да можат да се сретнат со репрезентациите од третиот шешир, во кој, покрај Македонија, се и Албанија, Грузија, Исланд, Израел, Косово, Црна Гора, Полска, Романија, Шкотска, Словачка и Украина.

Во првиот шешир се Белгија, Хрватска, Данска, Англија, Франција, Германија, Грција, Италија, Холандија, Норвешка, Португалија и Шпанија. Вториот шешир го сочинуваат Австрија, Босна и Херцеговина, Чешка, Унгарија, Северна Ирска, Ирска, Србија, Словенија, Шведска, Швајцарија, Турција и Велс.

Во четвртиот шешир се Ерменија, Белорусија, Бугарија, Кипар, Естонија, Фарските Острови, Финска, Казахстан, Летонија, Луксембург, Молдавија и Сан Марино, а во петтиот се Андора, Азербејџан, Гибралтар, Лихтенштајн, Литванија и Малта.

Репрезентациите ќе бидат распоредени во 12 групи. Групите од А до Ф ќе имаат по четири репрезентации, а групите од Г до Л по пет. Распоредот ќе зависи и од ждрепката за четвртфиналето и доигрувањето во Лигата на нациите, која е закажана за петок.

На Европското првенство директно ќе се пласираат 12-те победници на групите и осумте најдобри второпласирани репрезентации. Преостанатите места ќе се распределат преку доигрување, а нивниот број може да се намали ако две од земјите домаќини ги искористат двете резервирани места.

Турнирот ќе го организираат Англија, Шкотска, Велс и Ирска, кои немаат обезбеден директен пласман и ќе играат квалификации како и сите други.

Квалификациите почнуваат во март 2027 година, но само за групите со пет репрезентации, кои ќе играат и во јуни. Останатите ќе почнат во септември 2027 година, а последното коло е закажано од 14 до 16 ноември 2027 година.