Францускиот возач Естебан Окон потврди дека на крајот од сезоната 2026 ќе го напушти тимот на Хас. Окон се огласи со официјална изјава, а потоа и тимот објави соопштение, пренесува Formula 1.
„Моето време со Haas F1 Team ќе заврши на крајот од сезоната 2026. Го напуштам проектот со крената глава и горд на своите настапи, иако околностите не беа секогаш најлесни од различни причини и фактори надвор од моја контрола“, напиша Окон.
Тој додаде дека непосредниот фокус му е на следниот тркачки викенд, дека ќе продолжи напорно да работи со тимот и дека ова апсолутно не е крај на неговата кариера во Формула 1. Окон во Хас дојде од Алпин за сезоната 2025 и продолжува во тандем со Оли Берман.
Тим-принципалот на Хас, Ајао Комацу, му се заблагодари на Окон за професионалноста и придонесот од 2025 наваму и истакна дека искуството на Французинот било важно при развојот на VF-26 по големата промена на правилата. Хас нагласи дека во овој момент нема да споделува дополнителни вести поврзани со возачите.
Според Formula 1, како фаворит за местото на Окон се спомнува Ферари-јуниорот и лидер во ФИА Формула 2, Рафаел Камара, а во конкуренција се и резервните возачи Лео Форнароли, Џек Дуан и Рјо Хиракава.















