Австралискиот кечер Бронсон Рид, чие вистинско име е Џермејн Хејли, почина на 38-годишна возраст поради здравствени компликации. Веста за неговата смрт во петокот ја соопшти ВВЕ.
„Џермејн беше личност поголема од животот во ВВЕ, но уште поважно, беше прекрасен човек, посветен семеен човек и сакан колега“, се наведува во соопштението. Компанијата изрази сочувство до неговото семејство, вклучувајќи ги неговата бремена сопруга Пејџ и нивната ќерка.
ВВЕ не објави детали за причината за смртта. Според Би-Би-Си, кој се повикува на медиумите што го следат кечот, Хејли неодамна закрепнувал од повредите здобиени на приредбата Краун џуел во Ријад на почетокот на ноември. Тој немал натпревар таа вечер, но за време на тепачка бил фрлен од бината низ маси.
Според новинарот Дејв Мелцер, на кого се повикува Про рестлинг ексклузив, Хејли при падот скршил неколку ребра и се здобил со повреда на бубрегот, а по операцијата дошло до сериозно згрутчување на крвта и појава на хематом на бубрегот. ВВЕ официјално не ги потврди овие наводи.
На Хејли му беше оддадена почит уште во петокот на приредбата на ВВЕ во Атина, во американската сојузна држава Џорџија. Во саботата, пред почетокот на Сурвајвор сириз, коментаторот Мајкл Кол му оддаде почит со емотивен говор, а публиката го испрати со традиционалните десет удари на ѕвоното.
Почит му оддаде и главниот креативен директор на ВВЕ, Пол Левек, познат како Трипл Ејч, кој во разговор со Кол се осврна на наследството што Хејли го остави во рингот и надвор од него.
Хејли ја започна кариерата на независната кечерска сцена под имињата Џона Рок и Џеј-Рок, а во 2019 година потпиша договор со ВВЕ. Во 2021 година беше отпуштен, но се врати една година подоцна и остана во компанијата до својата смрт.
















