Рафиња официјално го продолжи договорот со Барселона. Бразилскиот напаѓач денеска, во присуство на претседателот Жоан Лапорта, потпиша нов договор што ќе важи до 30 јуни 2030 година, објави Барселона.
„Се чувствувам многу горд, поради сè што постигнав во клубот, и индивидуално и колективно. Се надевам дека ќе останам уште многу години и, ако ме служат нозете, дека ќе продолжам да играм на ова ниво“, изјави Рафиња на церемонијата по потпишувањето.
Капитенот на Барселона зборуваше и за физичката подготвеност. „Се чувствувам многу добро, но не сум на 100 проценти. Многу внимавам на себе, па навивачите не треба да се грижат“, рече Бразилецот.
„Има еден трофеј што сè уште ми недостасува, но сакам да освојам што повеќе трофеи со овој дрес до 2030 година“, додаде Рафиња, кој зборуваше и за новата улога на централен напаѓач: „Ја сменив позицијата и се трудам да дадам најдобро од себе за сите. Уживам, а полесно е со квалитетот што го има овој тим.“
„Сакам да дадам сè од себе за клубот и да имам место во срцата на навивачите“, порача тој.
94 гола на 190 натпревари
Рафиња пристигна во Барселона во 2022 година од Лидс. Досега на 190 натпревари постигна 94 гола, а со клубот освои три титули во Ла Лига, еден Куп на кралот и три Суперкупа на Шпанија, пишува Асошиејтед прес.
Оваа сезона Бразилецот има постигнато 19 гола, од кои 15 во Ла Лига и четири во Лигата на шампионите, и е најдобар стрелец во шпанското првенство. Два од тие голови ги постигна во вторникот, во победата над Астон Вила со 3-0.
Потпишувањето доаѓа во емотивен период за Бразилецот. Според Мундо Депортиво, Рафиња бил длабоко погоден од смртта на напаѓачот на Тенерифе, Хесус де Мигел, и по натпреварот со Астон Вила не сакал да зборува за ништо друго освен за овој трагичен настан.
Пред дербито со Атлетико
Барселона в недела гостува кај Атлетико Мадрид во дербито на врвот на Ла Лига. Тимот на Ханзи Флик пред тој натпревар има два бода предност пред Атлетико.
















