Руне поради повреда предвреме ја заврши сезоната

Холгер Руне
Фото: Swiss Indoors / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Данскиот тенисер Холгер Руне се откажа од четвртфиналниот меч на турнирот во Стокхолм против Тејлор Фриц и со тоа предвреме ја заврши сезоната. Мечот беше откажан само неколку минути пред почетокот, откако Руне почувствувал повреда на ногата, објави организаторот на турнирот.

Според официјалниот сајт на АТП, станува збор за повреда на десната нога. Руне потоа им се обрати на навивачите на Инстаграм. „Вчера имав мала повреда на задната ложа и не сакам да ризикувам со играње денес. Сакам новата сезона да ја започнам здрав“, напиша Данецот.

Како што пишува Тенис тоник, 23-годишниот Данец со оваа одлука ја заврши сезоната во која најголем дел од времето го помина на рехабилитација. Пред една година, токму на турнирот во Стокхолм, тој ја скина Ахиловата тетива во полуфиналето против Иго Умбер и не играше до септември.

Руне се врати на теренот во Дејвис купот против Бугарија, кога ги победи Илијан Радулов и Григор Димитров. Потоа претрпе рани порази во Токио и Шангај, а во Базел стигна до четвртфиналето со победи над Кантен Алис и Хуберт Хуркач. На мастерсот во Париз загуби уште во првото коло од Томи Пол.

Во Стокхолм, поранешниот четврти тенисер на светот ги совлада Зизу Бергс со 6-3, 6-4 и Миомир Кецмановиќ со 2-6, 6-1, 6-4. Руне моментално е на 406то место на светската ранг-листа.

Фриц, кој е прв носител на турнирот и десетти тенисер на светот, без игра стигна до седмото полуфинале во сезоната, а третото во последните четири недели. Таму ќе игра против Лоренцо Музети, кој во три сета го совлада Иго Умбер со 7-6, 3-6, 6-4.

Во другото полуфинале ќе се сретнат Алехандро Табило и Тијаго Агустин Тиранте. Табило го победи Алекс Микелсен со 7-5, 7-6, а Тиранте по речиси три часа игра го елиминираше квалификантот Александар Шевченко со 7-6, 6-7, 6-3.