Штип УГД ја заврши европската приказна по пораз во пет сета

Одбојкарски натпревар од Лигата на шампионите
Фото: Shev123 / Wikimedia Commons (CC0)

Одбојкарите на УГД Штип се збогуваа од Лигата на шампионите. Македонскиот претставник на својот прв домашен натпревар во ова натпреварување загуби од холандскиот Орион Старс со 2-3 во сетови, со резултати 25-23, 20-25, 25-21, 10-25 и 10-15.

Холандскиот тим претходно, на 21 октомври во Доетинхем, славеше со 3-0, па Штип во реваншот мораше да победи за да изнуди златен сет. Беше многу блиску до тоа, бидејќи домаќинот по три сета водеше со 2-1.

Добар старт, пад во четвртиот сет

Штипјани го отворија натпреварот подобро од гостите и го освоија првиот сет со 25-23. Орион возврати во вториот сет и израмни, но УГД Штип со 25-21 повторно поведе. Последниот поен во третиот сет го освои Александар Љафтов, а публиката во салата „Партизан“ дополнително го зголеми притисокот врз противникот.

Тренерот на Орион, Дирк Спариданс, потоа направи промени во составот, што донесе пресврт. Холанѓаните убедливо го добија четвртиот сет со 25-10, а во тај-брејкот уште на почетокот поведоа со 5-0 и сигурно стигнаа до 15-10, пишува холандската одбојкарска федерација на својот портал Волејбал.нл.

Според новите правила, Орион не можеше да го прослави пласманот само врз основа на освоените сетови, како што беше до минатата сезона, туку мораше да го добие и вториот натпревар. Тоа го направи и обезбеди пласман во второто коло од квалификациите.

Љафтов најефикасен

Во редовите на УГД Штип најефикасен беше Љафтов со 17 поени, а Стојан Илиев додаде 15. Кај гостите се истакна Ваутер тер Мат со 22 поени.

Штипјани оваа есен го освоија и Суперкупот „Чајка“ во Тетово.