Таневски повика 24 фудбалери за пријателскиот меч со Србија

Стадионот Караѓорѓе во Нови Сад
Фото: Jeca22 / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Младата фудбалска репрезентација на Македонија на 12 ноември ќе одигра пријателски натпревар против Србија во Нови Сад. Селекторот на репрезентацијата до 21 година, Александар Таневски, за дуелот на стадионот „Караѓорѓе“ повика 24 фудбалери, објави Фудбалската федерација на Македонија.

Поголемиот дел од составот го сочинуваат фудбалери родени во 2006 и 2007 година, кои треба да бидат носители на репрезентацијата во следниот квалификациски циклус. Покрај нив, на списокот има и неколку играчи родени во 2005 година.

Списокот на Таневски

Голмани: Љупче Џеков (Силекс), Даниел Диковски (Вардар), Натаниел Димовски (Пелистер).

Одбрана: Златко Радевски (Тетекс), Андреј Велков (Брегалница), Давор Росиќ (Охрид), Ѓорѓе Џеков (Силекс), Лука Атанасовски (Тетекс), Адис Мурати (Башкими), Андреј Аризанковски (Шкендија), Ѓорѓе Танчев (Брера).

Среден ред: Васил Тасовски (Младост Лучани, Србија), Теодор Николовски (Тиквеш), Илија Масларов (Лугано, Швајцарија), Никола Манојлов (Силекс), Мартин Ѓорѓиевски (Банска Бистрица, Словачка), Лука Трпевски (Црвена ѕвезда, Србија), Горјан Цветков (Скопје).

Напад: Никола Величковски (Скендербег, Албанија), Димитар Данев (Вардар), Адмир Љатифи (Осиек, Хрватска), Аритон Мехмед (Шкендија Арачиново), Игор Ристов (Брера), Димитар Трајков (Влора, Албанија).

Таневски: Нè очекува сериозен тест

„Нè очекува сериозен тест против исклучително квалитетна селекција. Србија е домаќин на Европското првенство до 21 година и со овој состав има високи амбиции, што го прави натпреварот одлична можност да ги провериме нашите можности против силен противник“, изјави Таневски.

Селекторот појасни дека играчите родени во 2005 година, поради возрасната граница, нема да имаат право на настап во следниот циклус, но дека станува збор за фудбалери со потенцијал и квалитет за А репрезентацијата. Помладите фудбалери кои беа дел од претходниот собир овојпат ќе им бидат на располагање на селекторите на младинските селекции, кои ги очекуваат квалификациски натпревари.

„Иако станува збор за пријателски натпревар, за нас тој има големо значење. Ќе ни овозможи да видиме како функционираме и реагираме против силен противник, но и да добиеме појасна слика за работите на кои треба да посветиме внимание во периодот што следува“, додаде Таневски.