Монако доведе млад Бразилец

Водечкиот тим на француското првенство, екипата на Монако, го доведе во своите редови бразилскиот фудбалер Жорге.

Кнежевците постигнаа договор со екипата на Фламенго околу трансфер на 20-годишниот лев бек, кој така кариерата ќе ја продолжи во Лига 1.

Жорге се смета за многу талентиран фудбалер.

Веќе три години е член на првиот тим на Фламенго и еден од клучните играчи на бразилскиот гигант.

Очекувано, со добрите игри привлече внимание на европските клубови, а на крајот неговиот потпис го осигура Монако.

Жорге за екипата од Рио Де Женеиро одигра вкупно 87 натпревари, а постигна пет погодоци.

Неодамна овој фудбалер дебитираше и за националниот тим на Бразил и тоа во меч против Колумбија.

Монако моментално е водечки тим во француската Лига 1 со 48 бодови, два повеќе од Ница и три од актуелниот шампион ПСЖ.