Од Јувентус потврдија: Точно е, го посакуваме Ремзи

Арон Ремзи дефинитивно во текот на јануари ќе биде еден од најбараните фудбалери на пазарот.

На Велшанецот договорот со Арсенал му истекува на крајот од сезоната, а со оглед на тоа дека до договор за продолжување на соработката не дојде, се повеќе клубови сакаат да ја искористат оваа ситуација и во текот на зимскиот преоден рок да го донесат Ремзи.

За Ремзи се заинтересирани Милан, Баерн, Интер, па и Јувентус чии челници според натписите на италијанските медиуми, се подготвени да понудат 10 милиони евра годишно и да го направат еден од најплатените играчи на „Старата дама“.

Информациите за интересот не ги демантираше ниту спортскиот директор на Јувентус, Фабио Паратичи.

„Тој е одличен играч и го следиме. Дали ќе премине во Јувентус? Се уште е член на Арсенал, не можам да го потврдам тоа“, истакна Паратичи.

Ремзи, за потсетување, е играч на Арсенал од 2008.година кога пристигна од Кардиф.