Јамаха без спортска казна за отсуството од трката во Катар

Фабио Квартараро на Јамаха на ГН Малезија 2025
Фото: Liauzh / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Јамаха нема да добие спортска казна затоа што не настапи на Големата награда на Катар во МотоГП, изјави претседателот на Меѓународната мотоциклистичка федерација, Хорхе Виегас, пренесува Креш.

Јапонскиот производител ги повлече двата тима и сите четворица возачи од трката во Лусаил, повикувајќи се на внатрешната политика за патувања на Блискиот Исток поради безбедносните ризици. Без настап останаа Фабио Квартараро, Алекс Ринс, Џек Милер и Аугусто Фернандес, кој го заменуваше повредениот Топрак Разгатлиоглу.

По одлуката на Јамаха, организаторот на шампионатот соопшти дека отсуството носи и спортски последици, за кои требаше да одлучи федерацијата.

„Соопштението на Дорна, а не на федерацијата, беше неточно, затоа што наведуваше дека може да бидат изречени спортски казни, а такви не постојат. Возач кој не се појавува на трка во моментов не подлежи на спортски санкции. Можеби ќе ги промениме правилата во иднина, но засега ги немаме“, изјави Виегас за шпанскиот весник Ас, пренесува Џипиблог.

„Единствената казна произлегува од договорот меѓу Дорна и производителите. Тие се обврзани да имаат по двајца возачи на секоја трка, а ако не се достапни, мора да обезбедат замена. Но, тоа е комерцијален договор. Федерацијата не е страна во него“, додаде тој.

Јамаха сепак ќе мора да плати финансиска казна, а парите ќе бидат распределени меѓу тимовите што настапија во Катар. Износот не е објавен, а одлуката следуваше по средбата на директорот на Јамаха, Паоло Павезио, со раководството на шампионатот во Мадрид, пренесува Корседимото.

„Работиме на тоа да воведеме нешто за иднина. Производителите не можат да одлучат да не учествуваат на трка, каде и да е таа, во ваков голем шампионат“, рече Виегас.

Од Јамаха досега нема коментар за одлуката. Следната трка од шампионатот е Големата награда на Португалија во Портимао, закажана од 20 до 22 ноември.