Јаневски: Зенит е еден од најдобрите тимови во Лига Европа


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Тренерот на Вардар, Чеде Јаневски на денешната прес конференција во пресрет на утрешниот натпревар против Зенит ги искажа своите видувања за средбата со апсолутниот фаворит.

Според Јаневски, рускиот тим е еден од најквалитетните во Лигата на Европа оваа сезона, а играчите на Вардар токму поради тоа имале дополнителен мотив и желба за добар резултат.

„Нема што да зборуваме многу, знаеме со каков противник играме. Не е Зенит само обичен тим, туку е еден од најдобрите во нашата група, и не само во нашата група, туку и од сите кои се натпреваруваат во Европската лига. Зенит не губи на домашен терен, но ние доаѓаме подготвени за овој меч, знаеме дека имаме добар тим и ќе истрчаме на терен со мотив за бод или три, затоа што овој тим на Вардар со добри тимови покажа дека знае да игра. Сите фудбалери со голема желба ќе истрчаат на теренот, и ќе докажат дека и последниот меч со Зенит не беше мерило за нашиот квалитет. За добар резултат ќе ни треба добра организација во играта и во одбраната и во нападот, ќе ни треба тимска и хомогена игра. Дојдовме тука да не се затвориме и да играме што се вели на „нула“, туку ќе настојуваме да дадеме гол. Ако сакаме добар резултат ќе треба да направиме се да го сочуваме својот гол исто така како и да дадеме гол. Да се покажеме во подобро светло, и да направиме напредок и во игра и во резултат“- коментираше Јаневски.

Потоа предводникот на „црвено црните“истакна дека не очекувал четири порази по првите четири историски средби во Лигата на Европа.

„Да бидам искрен  не очекував четири порази од четири натпревари, но зошто е тоа така има неколку фактори. Прво играчите имаа малку одмор пред да почнат да се подготвуваат за европските натпревари. Второ тимот одигра шест исцрпувачки мечеви во Европа пред да се пласира во групната фаза. Трето нашата група е тешка, патувањата се долги, а сите наши противници имаат искуство во вакви натпревари, кое ние го немаме “- заврши Јаневски.