Македонската тенисерка Лина Ѓорческа оствари голема победа на стартот на ИТФ турнирот во Истанбул. Тетовката по пресврт ја совлада третата носителка, домашната тенисерка Берфу Ченгиз, со 2-1 во сетови (3-6, 7-6, 6-4) и се пласираше во осминафиналето.
Турнирот од категоријата W50 се игра на тврда подлога, со награден фонд од 40.000 долари. Мечот траеше повеќе од два часа, а Ѓорческа мораше да покаже карактер по лошиот почеток.
Од 1-5 до победа
Македонката во првиот сет заостануваше со 1-5, а Ченгиз потоа без поголеми проблеми го доби сетот со 6-3. Вториот сет помина во изедначена борба и беше решен во тај-брејк. Таму Ѓорческа беше убедлива и со 7-1 изедначи на 1-1 во сетови.
Најголемата драма се случи во решавачкиот сет. Ченгиз повторно започна силно и поведе со 3-0, но Ѓорческа најде начин да се врати. Со одземен сервис во деветтиот гем стигна до предност и го комплетираше пресвртот со 6-4.
Ова беше втора победа за Ѓорческа во третиот меѓусебен дуел со Ченгиз.
Следува Сербан од Кипар
Во осминафиналето Ѓорческа ќе игра против Ралука Сербан од Кипар, која во првото коло ја совлада Екатерина Тупицина со 6-3, 6-4. Двете тенисерки досега одиграле седум меѓусебни натпревари, а Македонката води со 4-3 во победи.
















