Заврши неверојатната серија на Вардар, пораз од Загреб во СЕХА лигата

Екипата на Вардар го претрпе првиот пораз по неверојатната серија од 31 натпревар без да ја почувствува горчината на поразот.

Избраниците на Парондо со 26:23 беа поразени на гостувањето кај Загреб во Сутинска Врела и со тоа ја завршија серијата која траеше уште од 13 декември, 2016 година.

Црвено црните тргнаа добро и неколку пати имаа предност и од два гола. Сепак домаќините го свртија резултатот во своја полза на две минути до крајот на полувремето.

Во второто полувреме Вардар потфрли во фазата на нападот, а тоа одлично го искористија загрепчани и сега се изедначија по бројот на бодови со нашиот тим.

Најпрецизен кај Вардар беше Криштопанс со четири гола, додека кај ППД Загреб Златко Хорват постигна шест погодоци.