„Нов систем на ЛШ фер и возбудлив, 25 клубови се борат за нешто во последното коло“

Генералниот секретар на УЕФА, Џорџо Маркети, изјави на Фудбалскиот самит во Португалија дека новиот формат на Лигата на шампионите ги исполни очекувањата, носејќи поголема динамика, разновидност и фер услови за сите клубови.

„Одлуката за промената на форматот беше донесена по долги преговори со сопствениците и клубовите. Се водевме со идејата за подобар квалитет, инклузија на клубови од помали земји и поголем баланс и непредвидливост“, рече Маркети.

Според неговите зборови, целта на UEFA беше да се избегне повторување на истите парови и да се насочи натпреварувањето повеќе кон навивачите.

„Сега секој тим игра против осум различни ривали, што внесува повеќе динамика и возбудување“, додаде Маркети.

Тој истакна дека новиот формат, кој е воведен по 21 година, донесе поголем баланс меѓу тимовите.

„Во стариот формат имаше групи со големи разлики во коефициенти, додека сега просечната разлика е 11. Новиот систем е фер и возбудлив“, наведе генералниот секретар на UEFA.

Маркети оцени дека промените донеле позитивни ефекти и во поглед на натпреварувачката неизвесност.

„Клубовите поминуваат низ успеси и падови, промените на табелата се поизразени, а последното коло станува своевиден климакс бидејќи 25 од 36 клубови имаат за што да играат“, рече тој.