Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст ↓↓↓
Светското првенство уште трае, а ФИФА веќе се соочува со огромен скандал. Ирано-американецот Лотфолах Каве Афрасиаби поднесе тужба против Светската фудбалска федерација и нејзиниот претседател Џани Инфантино, барајќи обесштетување од дури 850 милиони евра поради, како што тврди, дискриминација што довела до елиминација на Иран од Мундијалот.
Тужбата е поднесена до Сојузниот суд во Бостон во име на, како што се наведува, 91 милион Иранци, а во центарот на спорот се наоѓа поништен гол на Шоџае Калилзаде против Египет во третата минута од надоместеното време на групниот натпревар. Голот беше поништен по ВАР проверка поради офсајд, со што Иран остана без пласман во нокаут-фазата на Светското првенство.
Афрасиаби тврди дека има “јасни и непобитни докази” дека одлуката била неправедна, како и дека репрезентацијата на Иран за време на турнирот била изложена на нерамноправен третман во однос на другите учесници.
Во тужбата се наведува дека иранскиот тим имал бројни проблеми надвор од теренот, вклучувајќи ограничувања за патување, изненадна промена на тренинг центарот и одбивање давања визи за дури 11 членови на делегацијата. Според нивните тврдења, токму ваквите околности сериозно влијаеле на настапот на репрезентацијата на Мундијалот.
















