Арис на Димитријевиќ го доживеа првиот пораз во Еврокупот

Ненад Димитријевиќ во дресот на Јувентут
Фото: David Grau Llinares / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Арис го доживеа првиот пораз сезонава во Еврокупот. Грчкиот тим, за кој настапува македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, во шестото коло загуби од Хапоел Ерусалим со 73-84 на натпревар одигран во Белград, пренесува Баскетболсфер.

Двата тима влегоа во мечот без пораз, а Арис добро го започна натпреварот и на полувремето водеше со 40-35. Во второто полувреме Хапоел ја презеде контролата и стигна до шестата победа во исто толку кола.

Димитријевиќ со десет поени

Димитријевиќ помина 19 минути на паркетот и постигна десет поени, со еден скок, две асистенции и една украдена топка. Македонскиот бек не го дочека крајот на мечот бидејќи направи пет лични грешки, а истата судбина ги снајде и Мајк Митру-Лонг и Лидел кај Арис.

Кај Арис најефикасен беше Мокока со 13 поени, а Лидел постигна 12. Гостите останаа и без Морган, кој поради проблем со глуждот не го заврши натпреварот.

Лофтон предводеше

Кај Хапоел најдобар беше Кени Лофтон Џуниор со 22 поени и десет скока. Милтон додаде 19, а Лоренцо Браун 11 поени.

Хапоел со учинок од 6-0 и понатаму е без пораз, додека Арис по првиот пораз има учинок од 5-1.