Женската кошаркарска репрезентација на Македонија во среда во Букурешт против Романија ќе го почне настапот во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година. Тоа ќе биде прв натпревар за новиот селектор Виктор Петровски.
Натпреварот во салата „Полиевалента Рапид“ почнува во 17 часот по македонско време, објави Романската кошаркарска федерација. Три дена подоцна, во сабота, Македонија во Штип ќе ја пречека Естонија.
Македонија, Романија и Естонија се во групата Ц од првата фаза, а секоја екипа ќе одигра по два натпревари против секој противник. Естонија и Романија ќе играат во Талин на 17 ноември, а натпреварите во групата ќе завршат во февруари 2027 година, според распоредот на ФИБА.
Петровски најави генерациска промена и долгорочна работа. „Свесен сум дека пред нас е сериозен предизвик и дека влегуваме во период на голема генерациска промена. Во овие претквалификации ќе настапиме со навистина млада репрезентација, можеби и една од најмладите во конкуренцијата“, изјави тој.
„Мора да бидеме реални и да разбереме дека создавањето конкурентна репрезентација е процес кој бара време, трпение, доверба и континуитет во работата. Мојата визија е да размислуваме долгорочно, во период од наредните три до четири години“, додаде селекторот.
Според него, приоритет е создавањето позитивна атмосфера во која секоја кошаркарка ќе ја знае својата улога. „Сакам кошаркарките да доаѓаат на секој собир со желба, енергија и мотив за работа и да бидат горди што го носат националниот дрес“, рече Петровски.
Петровски ја презеде репрезентацијата кон крајот на октомври, по оставката на Марјан Ашаданов, кој пет години ја водеше женската селекција.
















