Вечното кошаркарско дерби меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички ќе се игра во понеделник, 16 ноември, со почеток во 19 часот, во салата „Јане Сандански“. Натпреварот ќе го затвори седмото коло од домашната Супер лига.
Двата најтрофејни македонски клуба влегуваат во првото сезонско соочување како две првопласирани екипи на табелата. Работнички е лидер со максимални шест победи од шест натпревари, а актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром е втор со пет победи и еден пораз.
Работнички во последното коло го совлада Кожув со 83-80 и ја продолжи серијата без пораз. Екипата од Аеродром на домашен терен ќе се обиде да ја прекине победничката серија на градскиот ривал и да се израмни со него на врвот.
Комесарот за натпреварување ги делегираше и судиите за дербито. Натпреварот ќе го судат Зоран Митровски, Александар Феревски и Петар Петровски, а делегат ќе биде Терзовски.
Седмото коло ќе почне за викендот со четири натпревари. Во сабота Кожув игра со ТФТ, а Тиквеш Голден Игл со Пелистер, додека во недела Штип го пречекува Скопје, а МКК Куманово игра со Струмица.
Екипата од Аеродром кон крајот на октомври се раздели со тренерот Васко Атанасов, а во првиот натпревар во Супер лигата по разделбата го совлада Пелистер.
Пред дербито МЗТ Скопје Аеродром има и европска обврска. Вечерва од 18:30 часот македонскиот шампион гостува кај грчкиот Ираклис во шестото коло од групата Е во ФИБА Европа купот, во уште еден обид да стигне до првата победа по пет порази.
Ираклис на стартот на групната фаза славеше во Скопје со 67-59 и пред ова коло е трет во групата, додека МЗТ Скопје Аеродром е на шестото место.
















