Рејсинг Булс ќе настапува со истиот возачки пар и следната сезона во Формула 1. Тимот во четвртокот објави дека Лијам Лосон и Арвид Линдблад ги продолжиле договорите и ќе возат за екипата и во 2027 година, пренесува официјалниот сајт на Формула 1.
Иднината на Новозеланѓанецот Лосон со месеци беше предмет на шпекулации. Како можна замена се спомнуваше младиот возач од програмата на Ред Бул, Никола Цолов, кој неодамна дебитираше на првиот слободен тренинг за Рејсинг Булс, а шефот на тимот Алан Пермејн повеќепати повтори дека конечна одлука сè уште не е донесена.
Новиот договор доаѓа по одличниот викенд на Лосон во Сао Паоло, каде што стартуваше од третото место и ја заврши трката на седмото. Тоа му беше четврто седмо место на последните пет трки, а со 89 бода тој сам има повеќе бодови од целиот тим на Алпин.
„Многу сум среќен што продолжувам со тимот и следната година. Имавме одлична сезона заедно, а тимот работеше многу напорно за да направи брз болид, кој уживав да го возам. Со нетрпение очекувам да го продолжам ова со Арвид и во 2027 година“, изјави Лосон.
Британецот Линдблад во својата прва сезона во Формула 1 освои 38 бода и импресионираше со постојаноста. „Првата сезона беше навистина посебна година, полна со нови искуства и лекции уште од првиот предсезонски тест. Едвај чекам да почнам следната година“, рече Линдблад.
„Овој возачки состав е најдобриот за нас, со силна комбинација на искуство и амбиција“, изјави Пермејн, пренесува Скај спортс.
Рејсинг Булс е петти во пласманот на конструкторите. Ако го задржи тоа место до крајот на сезоната, тоа ќе биде најдобриот резултат во историјата на тимот, сметано од времето кога настапуваше како Минарди.
Со оваа одлука, на стартната решетка за 2027 година остануваат уште две отворени прашања: договорот на Оливер Берман со Хас и местото на Серхио Перез во Кадилак, наведува Аутоспорт.
















